12
За Мирко
Јас сум стапица. Моето тело е стапица во која паднав на денот на моето раѓање.
Франц Кафка
Декларација на неспособност
Живееме во лудa доба. Нонстоп. Имаме високо мислење за себе и за околината, но во суштина сме небитни. Времето немилосрдно нѐ гази, историјата револвира во неверојатно совршен круг, а ние, намерно или ненамерно, иако многу добро ја знаеме траекторијата, забораваме да научиме што било од искуството. Како последица, цивилизациски девалвираме. Забораваме зошто сме овде. Или можеби, никогаш вистински не дознавме. Оправданија и олеснителни околности ни се омилени орудија. Покажување со прст, омилен тренинг на цивилизацијата. Огледалото не постои за рефлексија на сопствените постапки, туку само како средство за задоволување на ниски страсти и суета. Во слободно време, од удобноста на нашите домови, се бориме и за правда, еднаквост и за слобода. А слободата е болест, пријатели. Вирус. Комфорна зона. Од таа позиција креираме лажна иднина, празни приказни за нашите деца. Претставата „12“ е декларација на нашата неспособност. Некомпетентност! Само бледа опција, сред духовна корупција. Дали сме тука само да ја раскажеме нашата приказна? Имам свои сомнежи. Колку чини човечкиот живот? Верувам во волјата да се преживее. Но не и во истребување. Дали вербата е доволна. Дали воопшто може да веруваме? И кому? Можеби и не сме толку битни. Може да нѐ снема за миг. Бесот е блуткаво недоразбирање. Мост кон островот на изневерени очекувања. Претставата „12“ е предговор за сите наши потфрлања.