Новиот театарски храм, вториот дом на актерите се наоѓа на левиот Ана реката Вардар. Изграден е врз темелите на стариот театар поставени во 1927 година. Покрај основната функција што ја има театарот (драмата), тој воедно сам по себе претставува и музеј со оглед на орнаментиката претставена на ложите. Во внатрешноста е претставен дел од богатото македонско културно наследство кое воедно ќе биде презентирано и преку виртуелниот музеј. Импресивен момент во театарот е централната скулптурна композиција на петте основоположници на македонскиот театар: Јордан Хаџи Константинов – Џинот, Антон Панов, Ристо Крле, Васил Иљоски и Војдан Чернодрински, која е поставена во централното фоаје на театарот, како и театарскиот перформанс на 9 жениски фигури, претставени во етнo-народни компоненти, а околу нив се претставени свирачи. Целата композиција е фланкирана со музата на комедијата Талија и музата на трагедијата Мелпомена. Што се однесува до орнаментиката, големата сала е орнаментирана со фрагменти кои се превземени од археолошки наоди во Македонија, фрагмент од иконостасот во Бигорскиот манастир и црквата Свети Спас во Скопје. На плафонот се претставени најрепрезентативни археолошки артефакти од 6 век п.н.е па се до 6 век од н.е. Во другите делови претставени се музите како заштитнички на уметноста и науката. Тука се претставени значајни мозаици, керамички садови, иконостаси, мермерни плочи итн. Сите тие датираат од 6 век п.н.е па се до 19 век. Најмногу детали се превземени од ранохристијанските капители во Хераклеа и Стоби, мермерните плочи од црквата Света Софија во Охрид, како и единствените и уникатни иконостаси во Македонија изработени од тајфата на Петре Филиповски – Гарката.